Кочов: Промените со коронавирусот не се алиби, туку факт… ако сме здрави…

МЗТ Скопје по Кожув е тимот кој во првиот дел од сезоната во домашното првенство одигра најмал број на натпревари, само четири од кои тимот од Аеродром замина со половичен учинок. Коронавирусот постојано одложуваше натпревари за „сино-белите“, но доколку може да се најде добро во сето зло, двата натпревари на самиот почеток на сезоната ги подготвија „штрковите“ за дуелите на првиот АБА2 „балон“, кој се одигра во Златибор.

„Првиот дел од сезоната можам да го поделам на два дела. Едниот е домашното првенство каде одвај одиграме четири натпревари, што поради наши болни, што поради натпревари кои нас ни ги одложуваа поради коронавирусот. Не можам да кажам дека сум задоволен, меѓутоа целокупната ситуација беше очекувана. За разлика од домашното првенство, задоволен сум од начинот како игравме во АБА лигата, но исто така верувам дека можеме и подобро. Знам дека поголемиот дел од играчите се помотивирани да играат во АБА, но мора да сфатат дека на МЗТ Скопје како клуб, домашното првенство и те како му значи, поготово во една ваква засилена конкуренција каде секој, секого може да победи“ – изјави Ѓорѓи Кочов.

Шесте одложени натпревари во домашното првенство ќе му донесат на актуелниот шампион згуснат распоред во кој ќе треба да се игра речиси на два дена, меѓутоа „сино-белите“ се навикани на вакво темпо, а големиот број на натпревари е добредојден во Аеродром.

„Пред нас е еден згуснат распоред, меѓутоа искрено и тоа и го посакувам. Ние веќе трета година играме по десет месеци, среда-сабота, нашите играчи сме ги подготвувале за еден ваков процес, меѓутоа оваа година е сосема различна. Три пати бевме извадени од тренажен процес по повеќе од десет дена и тоа е навистина премногу. Ова не е алиби, ова е факт. Ако сме здрави и тренираме знам дека ќе бидеме далеку подобри. Мислам дека имаме доволно долга клупа да одговориме на ритамот, можеби фали искуство, но јас верувам во моите играчи. Повеќето од нив се на 24 годиша возраст, дури и странците, па ни фали искуство, но никој не може да го негира талентот. Доколку сме комплетни овој тим ќе го покаже вистинското лице, талентот ќе излезе на виделина и ќе се преточи во квалитет“ – додава стратегот на МЗТ Скопје.

„Сино-белите“ и покрај младиот број на натпревари се свесни за пропустите од првиот дел од сезоната. Се работи на подобрување на истите, но и играчите мораат да го променат пристапот во домашното првенство поготово во една ваква неизвесна сезона.

„Во однос на АБА лигата треба да поправиме многу помалку работи, но не би ги откривал, нека се помачат противниците за тоа, додека на домашната сцена би кажал мотивацијата и пристапот на овие натпревари. Факт кој што секој наш играч треба да го сфати е дека секој тим во македонското првенство ќе игра крајно мотивирано за да ги победи и крајно растеретено од резултатски императив. Мора да сфатат дека мораме да дадеме максимум на секој дуел доколку сакаме да победиме. Знам дека не е лесно кога секогаш очекуваат од тебе да победуваш, но во тоа е убавината, во тоа е предизвикот, а и во тоа се гледа кој играч е за резултат“ – завршува Кочов.

Во првиот натпревар во новата година, аеродромци ќе се соочат со Пелистер на 15. јануари, додека ден подоцна патуваат за Бања Лука за вториот „балон“ на АБА2 лигата каде ќе се сретнат со Хелиос, Слобода Ужице и Студентски центар.

 

Се вчитува...