Барса го потпиша Вестерман, што ќе се случи со Ертел?

Барселона го комплетираше трансферот на Лео Вестерман од Фенербахче, фаќајќи го последниот воз за да може да го регистрира францускиот интернационалец за настапите во Евролигата. Денеска завршува преодниот рок во елитното европско натпреварување, а каталонците решија да го официјализираат овој трансфер без оглед на фактот што тој десетина дена „висеше“ поради неизвесната иднина на Томас Ертел.

Имено, каталонскиот гигант го договори Вестерман, а според истиот договор Фенербахче требаше во спротивна насока да го добие Ертел. Ситуацијата се искомпликува откако Ертел во последен момент се премисли, го откачи Фенер и инсистираше на трансфер во Реал Мадрид, по што управата на Барселона дури и го остави сам на аеродромот во Истанбул, како казна за прекршеното ветување.

Сагата продолжи и во изминатиот период, двете страни водат инает, но Барса со официјализацијата на Вестерман и дефинитивно става до знаење дека Јасикевичиус нема да смета на Ертел до крајот на сезонава. Сепак, каталонците не сакаат ни да чујат за преселба на овој плејмејкер во Реал, па лесно може да се случи Французинот да остане во Барселона, изолиран од првата екипа.

Што се однесува до Вестерман, искусниот плејмејкер вечерва ќе го одржи првиот тренинг со екипата, а наскоро ќе го одигра и првиот натпревар за каталонскиот гигант.

Се вчитува...