Чесите решени: Ќе одиме во Египет, макар и седеле во соба…

Во таборот на чешката репрезентаација владее шокираност откако денеска беше објавено дека осум ракометари се позитивни на коронавирус, поради што беше одложен квалификацискиот меч за ЕП 2022 против Фарските Острови. Чесите оставија пет ракометари дома поради појава на минимални симптоми, но со најновите осум случаи јасно е дека ситуацијата е крајо сериозна.

Ми се јавија во 12.45 по полноќ, да ми кажат дека сме имале осум позитивни ракометари. Секако дека сум шокиран, сите се тестиравме пред да тргнеме, претходно од ЕХФ ни беше ставено до знаење дека ќе може да играат само оние кои имаат негативни тестови од 2 до 4 јануари, го испочитувавме тоа, но сега се случи да имаме огромен број на заразени“, изјави тим-менаџерот на чешката репрезентација, Адам Штегл.

Чешките ракометари во текот на денешниот ден ќе се вратат назад во татковината, по што врз нив ќе бидат извршени нови тестирања. Доколку се повторат позитивните резултати, Чешка ќе има сериозен проблем да учествува на СП во Египет, а ситуацијата со максимално внимание ќе се следи и во Македонија, со оглед на фактот дека нашата репрезентација е прва резерва за овој мундијал.

Сепак, Штегл е убеден дека Чешка ќе биде дел од светскиот шампионат, воопшто не размислувајќи за откажување.

Од сегашна перспектива, многу е реално дека до патувањето за Египет сите ракометари ќе треба да останат во хотел, во еднокреветни соби. Сепак, нашата желба е јасна, сакаме да одиме на СП, макар и седеле во соби во следните денови, без ниту еден тренинг до тргнувањето за Египет“, порачува Штегл.

Секако, ќе се чекаат препораките на здравствените власти во Чешка, бидејќи доколку бидат издадени решенија за самоизолација за наредните десет дена, репрезентативците кои се дел од овој собир воопшто нема да можат да патуваат на мундијалот, со летот Прага – Каиро закажан за 12 јануари.

Се вчитува...