Брестовац: На вториот меч со Чиле со истите сили, искусните повикани „за секој случај“

Македонската ракометна репрезентација в недела ќе го одигра и вториот пријателски натпревар против Чиле, последна контрола за „црвено-жолтите“ во овој јануарски период за подготовки. Селекторот Данило Брестовац повика дел од поискусните ракометари како Стоилов, Манасков, Георгиевски и Маркоски, но според зборовите на кормиларот на националниот тим, овие играчи само би тренирале за да влезат во ритам доколку добиеме повик во „пет до дванаесет“ за СП во Египет.

Чешка и Шведска се селекциите со најголеми проблеми со Covid-19 во овој период на една седмица пред СП 2021, а Македонија како прва резерва до последен момент ќе чека дали ќе добие повик да биде дел од мундијалот.

Планот е овој втор натпревар со Чиле да го одиграме со истите сили како и првиот натпревар. Оние играчи кои се дополнително повикани е планирано да тренираат со нас, за да влезат во ритам доколку следи повик за СП 2021. Засега нема никаква најава од ИХФ, но јасно ни е дека мораме да бидеме подготвени. И тука постојат проблеми, Георгиевски имаше лошо искуство со коронавирусот, Манасков исто така се мачеше со повреда во изминатиот месец, па ќе треба да донесеме одлука дали воопшто да ризикуваме со нив. Јас сум задоволен од карактерот на тимот, атмосферата што ја имавме во последните денови. И најновите тестирања се негативни, така што можеме во ист состав да им се спротивставиме на Чилеанците. Тоа ќе биде нова можност за воигрување, но секако дека ќе сториме се за да забележиме победа, што уште повеќе ќе ја крене атмосферата меѓу овие млади ракометари“, вели селекторот Брестовац.

Се вчитува...