Томас Ертел сакаше да биде „ѕвезда“ на преодниот рок во Евролигата со преселба од Барселона во Реал Мадрид, но францускиот интернационалец го допре дното откако од управата на каталонскиот гигант беше прекомандуван да игра за Барса Б, во третата шпанска кошаркарска лига. Овој потег на челниците на Барселона следи по војната со Французинот и со неговиот агент Мишко Ражнатовиќ, кои сакаа да ги изиграат каталонците, па во последен момент ја блокираа размената со Фенербахче за Лео Вестерман, инсистирајќи следниот трансфер да биде во Реал Мадрид.
Каталонците полудеа по ваквиот однос на нивниот кошаркар, оставајќи го на аеродромот во Истанбул, вадејќи му авионски билет за следниот ден сам да се врати назад во Барселона. Преодниот рок за Евролигата истече вчера, Барса на крајот успеа да го доведе Вестерман, но војната со Ертел кулминираше со испраќањето на овој кошаркар да игра во третата шпанска лига.
Имено, Ертел бараше исплата на преостанатите 1,2 милиони евра од договорот што го има со Барселона (истекува на крајот од сезонава). Ставот на каталонците е дециден, кога веќе треба да му исплатат нешто повеќе од еден милион евра, барем ќе го понижат плејмејкерот до самиот крај, па не само што не го исплатија, туку ќе го натераат тие пари да ги одработи до последно евро, во нисколигашка конкуренција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

