„Дали некогаш повторно ќе го гледаме вистинскиот Азар?“

Еден Азар е повторно главна тема во мадридските медиуми, по новиот кикс на Реал Мадрид во Ла Лига.

На тежок терен поради невремето што ја погоди централна и северна Шпанија, Реал не можеше да оствари подобар резултат во Памплона, па се задоволи со реми без голови.

Азар беше во почетниот состав за прв пат од 25. ноември и победата над Интер во Милано, но тој не се прослави. Зинедин Зидан го извади од игра во 75. минута, бидејќи Белгиецот сè уште нема сили за целиот натпревар.

Денес „Марка“ пишува за Белгиецот како бледа сенка која се појавува на теренот и за играч кој нема никаков придонес во тимот на „кралевите“. Познатиот весник укажува на тоа дека Еден е светлосни години далеку од замена за Кристијано Роналдо, па „Марка“ го постави прашањето – „Дали некогаш повторно ќе го гледаме вистинскиот Азар“?

Зидан има идеја постепено да го врати во форма, тој не сака да ризикува нова повреда, бидејќи Азар веќе има три од почетокот на сезоната. Белгиецот неодамна наполни 30 години, Реал му плати 120 милиони евра, една година пред истекот на договорот со Челси, а во изминатата година и пол, тој има само 22 натпревари во лигата и постигнато само два гола.

Се вчитува...