Никола Јокиќ одигра уште еден одличен натпревар и беше најзаслужен за рутинскиот триумф на Денвер на гостувањето противу /Њујорк (89-114). Гостите доминираа од почеток до крај, па српскиот центар мина на теренот „само“ 30 минути, период во кој оствари дабл-дабл од 22 поени, 10 скокови и 5 асистенции. Триумфот беше осигуран уште во првото полувреме (38-59), па тренерот Мелоун во голем дел од второто полувреме му даде заслужен одмор на српскиот центар.
Шампионот ЛА Лејкерс лесно и убедливо славеше во Хјустон со 102-120, уште повеќе продлабочувајќи ја кризата на „ракетите“, кои имаат само три победи во првите осум овосезонски натпревари. Ентони Дејвис беше предводник на лејкерси со 27 поени, додека Леброн Џејмс реализираше 18 поени, 7 скокови и 7 асистенции. Кристијан Вуд со 24 поени беше прв стрелец на Хјустон, додека Џејмс Харден застана на скромни за него 20 постигнати поени.
Голден Стејт имаше предност од „плус 17“ во последната четвртина, за на крајот едвај да слави над Торонто со минимални 106-105. „Рептилите“ ја добија четвртата четвртина со 19-33, но немаа среќа, бидејќи шутот за победа на Сикијам со звукот на сирената не беше прецизен. Голден Стејт дојде до триумф и покрај очајното издание на Стеф Кари, кој погоди само една тројка од десет обиди и постигна вкупно 11 поени.
Резултати НБА:
Бруклин – Оклахома 116-129, Њујорк – Денвер 89-114, Хјустон – Ла Лејкерс 102-120, Минесота – Сан Антонио 96-88, Голден Стејт – Торонто 106-105.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

