Кошаркарите на Портланд ја забележаа третата победа во низа триумфирајќи на домашен терен против Торонто со 112-111. Портланд се соочи со сериозен проблем откако центарот Нуркиќ мораше да биде повлечен од игра во првата четвртина и повеќе не се врати на теренот, по што Торонто ја презеде контролата над резултатот. „Рептилите“ имаа и најубедливи „плус 17“, но Портланд успеа да се врати во завршницата и со поените на Меколум на 9,6 секунди до крајот да стигне до победата.
Меколум беше најефикасен со 30 поени, Лилард постигна 23 поени за победничкиот тим. Паскал Сиакам оствари трипл-дабл од 22 поени, 13 скока и 10 асистенции за Торонто, но токму овој кошаркар го промаши последниот шут со кој можеше да ја донесе победата на својата екипа.
Милвоки лесно и убедливо триумфираше на гостувањето против Орландо со резултат 99-121. Адетокумбо ги предводеше стрелците кај победничкиот тим со 22 поени, пред Мидлтон и Портис со по 20 постигнати поени.
Најинтересно беше на дуелот меѓу Сакраменто и Индијана, на кој домаќините славеа со 127-122 со помош на ВАР – прегледување на снимката. Судиите најпрвин досудија поени за Сабонис за Индијана, но по прегледување на снимката беше утврдено дека топката немала движење надолу во моментот на обид за блокада. Поените на гостите беа поништени, но што Бади Хилд со тројка стави печат на победата.
Резултати НБА:
Шарлот – Њујорк 109-88, Кливленд – Мемфис 91-101, Орландо – Милвоки 99-121, Вашингтон – Феникс 128-107, Атланта – Филаделфија 112-94, Портланд – Торонто 112-111, Сакраменто – Индијана 127-122.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

