Се е подготвено за стартот на новиот ракометен Мундијал, закажан за утре во 18 часот со премиерниот дуел меѓу Египет и Чиле. Светската Ракометна Федерација (ИХФ) и ја додели на Македонија улогата на прва резерва, па во период на Covid-19 нашиот национален тим ниту на триесетина часа до почетокот на СП не губи надеж дека би можел да добие повик во „пет до дванаесет“ и експресно да полета за Египет.
Селекторот Брестовац ги има собрано на едно место репрезентативците, врз нив се извршени тестови за Covid-19, се со цел во случај на повик македонската делегација што побрзо да се упати кон Каиро.
Повеќе од јасно е дека Шведска и покрај големите проблеми со коронавирусот ќе собере конкурентна репрезентација, а Чесите се решени да полетаат за Египет и со сеирозно ослабен состав, откако десетина ракометари се уште се позитивни на Covid-19. Тие го одложија летот за Каиро од денеска за утре, а по резултатите од денешните тестирања селекторите Филип и Кубеш ќе го објават списокот на патници за СП.
Како наша последна шанса се споменуваат помали селекции од калиброт на Конго, Зеленортски острови, Ангола… кои ги минаа подготовките со ограничен број на ракометари и во „пет до дванаесет“ нема да бидат во можност да донесат адекватни замени. Тие во текот на денешниот ден ќе бидат тестирани во Каиро, а во случај на позитивни тестови (во зависност од нивниот број) да добијат и „црвен картон“ за настап, што би значело повик во последен момент за Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

