Лука Јовиќ е подготвен да стави крај на кошмарната авантура во Реал Мадрид и да се врати назад во Ајнтрахт Франкфурт. Српскиот ас беше фијаско за „кралевите“ по трансферот од Ајнтрахт вреден 60 милиони евра, а откако настапи на само три средби сезонава на Јовиќ јасно му беше ставено до знаење дека за него нема иднина во тимот на Зинедин Зидан.
Интерес во изминатите денови покажаа Милан и Вулверхемптон, но откако Ајнтрахт се вклучи во трката за Јовиќ немаше дилеми и во преден план ги стави токму преговорите со поранешниот клуб. Директорот на бундеслигашот од Франкурт, Фреди Бобич, потврди дека разговорите за позајмица на екс-голгетерот се во завршна фаза, најавувајќи дека Ајнтрахт е заинтересиран на крајот од летово да го откупи целосно договорот на Јовиќ со Реал.
„Лука Јовиќ е на добар пат да потпише за нашиот клуб до следното лето. Треба да се средат уште некои детали, како медицинските прегледи, ако се мине во најдобар ред Лука наскоро повторно ќе биде со нас. Ако се оправдаат очекувањата, ќе разговараме тој да остане во Ајнтрахт“, истакна Бобич.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

