Репрезентативецот на Македонија, Ненад Димитријевиќ се најде меѓу двете „Ѕвезди“ во подем во кошаркарскиот Еврокуп. На крајот на првата, групна фаза од сезоната, на луѓето кои раководат со клубовите учесници во второто според квалитет натпреварување, им беа поставени серија на прашања во врска со играчите и тимовите кои се дел од натпреварувањето.
Меѓу темите што беа разгледани беа нивните фаворити за влез во финалето на Еврокупот, нај изненадувачкиот тим, најдобриот тренер и најдобрите играчи во различни категории… Во една од нив, насловена како „Ѕвезди во подем“ е и она на македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ. Генералните менаџери кои се дел од Еврокупот, во овој момент сметаат дека нашиот кошаркар е втор најдобар млад играч во ова натпреварување.
Виктор Вембанјама од Нантер доби 20.8% од гласовите додека организаторот на играта на Хувентуд има 16.7% во анкетата на Еврокупот, што е доказ плус за растот на младиот Македонец во една ваква, силна европска конкуренција. Но тука не завршува оној дел предвиден за одличната прва фаза која ја одиграа кошаркарите на Хувентуд.
Испитаниците сметаат дека екипата од Бадалона (25% од гласовите) е една од најзабавните за гледање, заедно со Виртус Болоња (37.5%), и еден од најтешките противници во Еврокупот, исто така во тесна конкуренција со тимот од Болоња. Соиграчот на Димитријевиќ, Анте Томиќ пак е еден од најсериозните кандидати за МВП титулата. На високиот Хрват му се даваат 20.8% од шансите, додека далеку напред е Милош Теодосиќ. За предводникот на „црно-белите“ од Болоња гласале 41.7% од анкетираните менаџери.
Неговиот тренер, Карлес Дуран, заедно со Александар Ѓорѓевиќ од Виртус Болоња, е еден од двајцата најдобри тренери. Милош Теодосиќ е и најдобриот додавач во ова натпреварување, крилото на белградски Партизан, Рашон Томас е најдобриот одбранбен играч, додека пак Џамар Смит од Уникс е најдобриот шутер. Францускиот Бург е најпријатното изненадување во првиот дел од сезоната. На крајот, очекувањата се дека завршниот меч во оваа конкуренција ќе го играат екипите на Виртус Болоња (95.8%) и Уникаха од Малага (45.8%).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА