Очекувано: Египет лесно го победи Чиле на стартот од СП 2021

Репрезентацијата на Египет ја оправда фаворитската улога на дуелот со Чиле, триумфирајќи со убедливи 35-29 на премиерниот натпревар од светскиот шампионат што денеска стартуваше во „земјата на фараоните“. Африканскиот првак уште од самиот старт наметна ритам што Чилеанците не можеа да го следат, стигнувајќи до рутински триумф во групата во која се наоѓаат уште и Македонија и Шведска.

Чилеанските ракометари парираа само во почетните пет минути, кога со двата гола на пивотот Салинас стигнаа до 2-2. Упорното инсистирање на игра на пивот придонесе јужноамериканската селекција да има бројни загубени топки што Египќаните знааеја како да ги претворат во лесни погодоци. Чилеанскиот селектор зеде тајмаут во 9. минута при 5-2, но не успеа да го запре налетот на домашната селекција, Египет имаше и 16-10, пред крајот на првото полувреме поведе и со 18-10, пред Салинас со „проектил“ од девет метри да намали на 18-11, резултат со кој се замина на одмор.

Избраниците на Парондо продолжија со добра игра и на стартот од вториот дел, набрзина поведувајќи со девет гола разлика (23-14). Прашањето на победникот беше решено, „фараоните“ немаа потреба да продолжат со притисокот во одбраната, а Чиле го искористи тоа и намали на 30-25. Египќаните сепак  рутински го приведоа мечот до крај, до конечните 35-29.

Во вториот меч од првото коло во оваа група Македонија утре во 20.30 часот ќе се сретне со Шведска.

 

Се вчитува...