ТФТ стави крај на серијата на пет порази во низа откако на домашен терен во 10. коло од БИБЛ лигата, македонскиот претставник славеше над Теодо со 104-86. Избраниците на Смилковски ја контролираа играта од самиот почеток на натпреварот и сосема заслужено стигнаа до двата бода.
Натпреварот започна со висока реализација на двете страни од паркетот. Добрата тимска игра на ТФТ беше отслика со добар проток на топка, со што во овој период на листата на стрелци се запишаа шест играчи. Тимот од Тафталиџе функционираше одлично во нападот, но се мачеше да најде решние за расположениот Радонјиќ па по 10 минути игра на семафорот стоеше само „плус“ два (25-23). Избраниците на Смилковски продолжија во високиот ритам и во втората четвртина во која белснаа Харис и Митревски, а двете лични грешки на клупа го седнаа најдобриот играч на Теодо па „црно-белите“ на полувремето заминаа со предност од 51-40.
Гостите од Црна Гора немаа одговор за играта во транзиција на ТФТ во вториот дел од натпреварот. Избраниците на Смилковски „летаа“ по паркетот и постигнуваа лесни поени па од минута во минута водството постојано се зголемуваше, за на крајот на 30. минута да изнесува 75-58. Теодо заигра подобро до крајот на натпреварот и на момент успеа да ја намали високата предност на македонскиот состав, но недоволно за да ја загрози третата победа на тимот од Тафталиџе во регионалното првенство.
Четири играчи во редовите на ТФТ има двоцифрен број на поени, од кои најрасположен со 24 поени и 9 асистенции беше Тај Харис, Лахланд Андерсон додаде 18 поени и 6 скока, додека со по 16 поени натпреварот го завршија Андреј Митревски и Амир Смит. Шанса на дуелот доби и младиот Марко Аргировски кој со „тројка“ се запиша во листата на стрелци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА