Македонија е редовен учесник на големите натпреварувања во послeдните десет години, па изненадувачки е што во овој период на големите натпреварувања имаме одиграно само два дуели со селекцијата на Шведска, и тоа двата во 2012 година.
Првата пресметка ја имавме на ЕП 2012 во Ниш, каде на отворањето на групната фаза ремизиравме 26-26 со скандинавската селекција. Тоа беше израмнет натпревар на кој Македонија прикажа одлична игра, со голот на капитенот Кире Лазараов поведе со 26-25, но Швеѓаните успеаја да избегнат пораз со гол во последната минута. Кире Лазаров и Стевче Алушовски со по седум погодоци беа најефикасни во нашиот национален тим, пет постигна Наумче Мојсовски, додека Никлас Екберг ги предводеше стрелците кај Шведска со шест погодоци.
Македонија на крајот успеа да стигне до петтото место на овој европски шампионат, што значеше и пласман на квалификацискиот турнир за ОИ во Гетеборг, и нов дуел со Шведска неколку месеци подоцна. По поразот во првото коло од Унгарија, дуелот со Швеѓаните беше „да се биде или не“ за нашиот национален состав. Сепак, огромниот притисок го стори своето, Македонија не одигра на посакуваното ниво и на крајот претрпе пораз од 23-27, со што беше ставен крај на сонот наречен ОИ.
Оттогаш минаа цели девет години, до денешниот трет дуел на големите натпреварувања меѓу Македонија и Шведска. Нашиот национален тим е подмладен, но и Швеѓаните иако фаворити се соочуваат со проблеми поради отсуството на девет ракометари во Египет. Тоа е нашата шанса, во третиот обид да стигнеме и до првата радост против овој ракометен гигант.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА