Кире Лазаров ќе биде предводник и на овој светски шампионат, мундијалот во Египет речиси сигурно ќе биде и негово последно големо натпреварување во репрезентативниот дрес.
За леворакиот „бомбардер“ ова е идеална можност за враќање назад во Египет, земјата каде го одигра првиот ракометен мундијал во 1999 година.
„Тоа беше мојот прв настап на едно светско првенство, во 1999 со Македонија во Египет. Разлики има многу, веќе не сум млад, но имам големо искуство. Ќе играме шест меча во осум или девет дена, ќе биде тешко за мене да го издржам ритамот, но имаме други ракометари кои можат да одговорат на предизвикот. Јас сум среќен што сум овде“, изјави Лазаров зa данската телевизија ТВ2.
Воедно, македонскиот капитен откри и дека „црвено-жолтите“ немаат многу информации за првиот ривал Шведска.
„Немавме време да се подготвиме за првиот меч, но таква е ситуацијата, мораме да ја прифатиме. Немаме информации за противникот, дури кога се качивме на авион видовме дека им недостигаат бројни ракометари. Тоа е нашата шанса, иако Шведска секогаш е Шведска во светскиот ракомет, земја со богата историја и традиција. Сепак, во ракометот се можни изненадувања и ние веруваме дека можеме да приредиме едно вечерва“, порачува Кире Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА