Словенија ја понижи Кореја со убедливи 51-29 на својот премиерен меч од СП 2021, користејќи го фактот дека азиската репрезентација допатува во Египет со својот Б-тим, оставајќи ги сите првотимци во татковината за да се подготвуваат за предолимпискиот турнир. Разликата во возраст, надополнета со онаа во квалитет се покажа пресудна, па Словенците не само што рутински славеа, туку со 51 постигнат погодок ја наполнија до врв мрежата на аутсајдерот во оваа група. Гајиќ беше најефикасен на натпреварот со десет погодоци, еден помалку од него постигна Блаж Јанц.
Супер-интересна беше африканската пресметка меѓу Алжир и Мароко, во која Алжирците со огромен пресврт стигнаа до минимален триумф од 24-23. Мароко на полувреме имаше предност од 8-15, на почетокот од вториот дел поведе со 9-16, но и тоа беше недоволно за да стигне до триумф, огромниот пад во концентрацијата во завршните десет минути беше скапо платен, па Алжир со два гола во последните две минути постигнати во празна мрежа (по почетнички загубени топки) забележа победа. Мора да се истакне и фактот дека Мароко во текот на мечот остана без тројца првотимци поради црвени картони, по серијата брутални стартови.
Швајцарија неполни два дена откако дозна дека ќе ја замени селекцијата на САД успеа да стигне и до првата мундијалска победа, славејќи над Австрија со резултат 28-25. Кај Австријците беше очигледно отсуството на Билик и Божовиќ, во оваа репрезентација не се најде херој што ќе ја преземе одговорноста во нападот како што тоа беше случај со Анди Шмид на спротивната страна. Шмид беше најефикасен кај Швајцарците со седум гола, по шест постигнаа Рубин и Тиновски, додека крилото Вебер со седум погодоци ги предводеше стрелците кај Австрија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА