Македонската ракометна репрезентација има негатива од 11-16 по првото полувреме од дуелот со Шведска, 30 минути во кои нашиот национален тим одигра катастрофално во одбраната. Швеѓаните делуваат премоќно и пребрзо, Брестовац не успеа да најде лек за брзите напади на скандинавската селекција, па доколку нешто коренито не се промени, на нашиот национален тим не му се пишува ништо добро ниту во второто полувреме.
Првиот напад го имаше Македонија, Стоилов изнуди исклучување, а Мартин Поповски извонредно реализираше од крило на асистенција на Лазаров. Во следнот напад Стоилов погоди за водство од 2-1, но Швеѓаните одговорија со два гола за нивна прва предност на мечот (2-3). Одбраната имаше многу проблеми да ги запре шведските напади, па во првите девет минути примивме шест погодоци (4-6). Лазаров во 10. минута го промаши и вториот шут во низа, а Ване реализираше од контранапад за најубедливи 4-7.
Капитенот го постигна својот прв гол, со седмерец во 12. минута за 6-8, по што шведскиот селектор го внесе Паличка на голот на „сино-жолите“. Македонија заигра подобро и успеа да израмни на 8-8, но голем проблем ни претставуваа брзите напади на противникот, кој лесно реализираше на спротивната страна. Митревски влезе во ритам со неколку извонредни интервенции, но немавме среќа откако ударот на Лазаров при 9-9 заврши во дирекот, а Пешевски доби исклучување бидејќи шутна откако судиите досудија престап од него.
Швеѓаните ја искористија предноста од играч повеќе и набрзина поведоа со 11-9, а потоа од контранапад погодија и за 12-9. Брестовац ги уфрли Мишевски и Танкоски во нападот, но следеше загубена топка, па нов лесен гол на противникот (13-9), а кога Шведска стигна до „плус пет“ македонскиот селектор конечно побара тајмаут. Мишевски не успеа да го совлада Паличка, но на спротивната страна Томовски влезе и одбрани пенал при 14-9 во 25. минута. Противникот сепак го диктираше темпото до крајот на полувремето и на одмор замина со 16-11 (по промашениот зицер на Димитриоски), а јасно е дека нашиот состав ќе мора да игра далеку подобро во одбраната ако сака да го подобри впечатокот на овој прв меч.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА