Македонската ракометна репрезентација вечерва во 18 часот излегува на мегдан со Египет, во обид да го поправи впечатокот по катастрофалното отворање на СП 2021 и убедливиот пораз од Шведска. На сите во националниот тим им е јасно дека Македонија целосно потфрли на премиерниот натпревар, па најавуваат решителност веќе на денешниот дуел да покажат далеку подобра игра.
Задачата нема да биде нималку лесна, против себе ја имаме селекцијата домаќин која во првото коло рутински славеше над Чиле, а ќе се обиде денеска да стигне до нов триумф со кој би го осигурала учеството во следната рунда. Египќаните на својата клупа го имаат Роберто Гарсија Парондо, кој добро ги познава квалитетите на поискусните македонски репрезентативци бидејќи мина извесно време како асистент на Раул Гонзалес додека Шпанецот беше селектор на „црвено-жолтите“.
Клучен пред се ќе биде пристапот и ангажманот во одбраната, нешто во што македонските ракометари целосно потфрлија против Швеѓаните.
„Мора да го заборавиме дуелот со Шведска за да одиграме добро против Египет и Чиле. Треба да покажеме зошто сме тука. Ќе тргнам од мене, иако Египет е фаворит мора да се покажеме во одбраната, а за неа треба да имаш мадиња. Не може да немаш срце, да не направиш фаул во сите 60. минути, тоа е недозволиво,“ изјави Филип Кузмановски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА