Бранувања во Тиквеш: „Лозари“ бараат заминување на Масларков и враќање на Шиков

Сериозни бранувања во редовите на ФК Тиквеш пред пролетниот дел од сезоната. Сето тоа предизвикано од заминувањето од клубот на поранешниот репрезентативец Ванче Шиков, кој со серија обвинувања кон актуелното раководство на чело со претседателот Миле Масларков го напушти кавадаречкиот второлигаш.

По сите случувања со реакција се јави и навивачката група „Лозари“ која побара заминување на Масларков од клубот и враќање на Ванче Шиков. За сето тоа го информирале на средба и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.

СООПШТЕНИЕТО ОД ЛОЗАРИ ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:

Следејќи внимателно се она што се случува во фудбалскиот клуб Тиквеш, не можеме да останеме неми и да не ја споделиме со вас вистината по низата на последни случувања, но и шпекулации и невистини кои веќе одреден период се шират низ градот во врска со заминувањето на Ванче Шиков од фудбалскиот клуб Тиквеш.

На крајно нечесен, непрофесионален и безобразен начин по се она што го има направено за клубот, со некаков глупав изговор дека тоа била одлука на „шефот“, пред една седмица претседателот на клубот, Миле Масларков преку телефон го инфомира Ванче Шиков дека повеќе не е дел од фудбалскиот клуб Тиквеш. Никаква спортска, никаква финансиска, никаква кадровска, никаква било каква друга логична причина или решение на управниот одбор, туку одлуката на „шефот“ е причината што Ванче Шиков, првото име во клубот, репрезентативец на Македонија, играч кој беше капитен во речиси сите клубови во кои што настапуваше, не му е потребен на клубот, на клубот во кој тој израсна во македонска фудбалска легенда, и клуб кој има амбиции за влез во првата лига.

По оваа срамна одлука, направивме состанок со сите засегнати страни, вклучувајќи го и градоначалникот Митко Јанчев, освен со претседателот Миле Масларков кој упорно не избегнува. Сите состаноци ги потврдија нашите сомневања дека се работи за политички мотивиран случај, во кој актуелниот претседател на клубот и покрај сите испади, екцеси и неуспеси, се обидува да си ја спаси својата претседателска позиција. Со оглед на тоа што Лозари имаат голем удел во создавањето на овој проект за успешен Тиквеш, за враќањето на стадионот, и воопшто фудбалот во градот, и како искрени поддржувачи на клубот од кој за разлика од сите останати не гледаат никаква заработка и личен профит, би сакале да ги информираме сите дека клубот не е приватна сопственост на актуелниот или било кој минат или следен претседател, управен одбор, играч, и нема да дозволиме истите да го држат во заложништво за да ги задоволат своите лични интереси.

Како навивачи, знаеме дека играч од профилот на Ванче Шиков не само што му е потребен, туку му е и неопходен на клуб како Тиквеш. Покрај неговата фудбалска умешност, неговото реноме, репутација, интегритет и познанства се дополнително богатство за било кој клуб. Исто така, како навивачи ја знаеме и љубовта која ја има Ванче Шиков кон клубот, човек кој за разлика од сите оние кои што се секогаш во Тиквеш кога имаат интерес бил тука за клубот и во неговите најтешки моменти, кога клубот немаше дресови, играчите копачки, кога немаше да се подели плата… За жал, за жал, македонскиот синдром на уништување и оцрнување на она што вреди, и ситните политички игри кои ги вмешаа и во клубот за да си ги спасат своите позиции и примања се присутни во клубот, но ќе бидат искоренети, и тоа по секоја цена.

Токму поради тоа, до управниот одбор на клубот и до Градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев доставуваме акциски план од 2 точки со кои ќе биде решен проблемот:
1. Разрешување на актуелниот претседател Миле Масларков и назначување на нов претседател кој ќе нема било каква поврзаност со актуелниот претседател и претседателот на општинскиот фудбалски сојуз, Сашо Тасев
2. Враќање во клубот на Ванче Шиков.

Се надеваме дека тие што треба да го разрешат овој проблем ке ни ги разберат нашите мотиви и дека поседуваат барем едно делче од нашата љубов и посветеност и нема да дозволат фудбалскиот клуб Тиквеш кој прослави 90 години да згасне заради вакви бизарни причини. Во овој случај очекуваме и доблесно е својата љубов да ја покаже актуелниот претседател на клубот и сам да си поднесе оставка и да даде шанса на нови луѓе со нови идеи кои ке дадат се од себе за желбата на сите љубители на спортот а пред се на нас навивачите да стане реалност а тоа е Тиквеш да игра чесно и поштено во првата лига.

Со почит,
Навивачка група Лозари Исток

Се вчитува...