Македонската репрезентација претрпе уште еден катастрофален пораз на СП 2021, губејќи од домаќинот Египет со преубедливи 38-18. Ако владееше ставот дека нашите ракометари не можат да одиграат полошо од она што го покажаа против Шведска, тие се потрудија да ни го докажат спротивното, одиграа апсолутно катастрофално, без борба капитулирајќи пред „фараоните“ кои ни самите не очекуваа дека така лесно ќе стигнат до бодовите.
Слабата игра во одбраната од мечот со Шведска продолжи и вечерва, па Египќаните во почетните пет минути пет пати го матираа голманот Митревски. Филип Кузмановски постигна два гола во серија, но потоа следеше голема криза и период од нецели десет минути без постигнат погодок, по што домаќинот поведе со 10-3. Пешевски погоди еднаш, Лазаров уште двапати, но тоа беше се од нашиот состав. Филип Кузмановски доби црвен картон во 19. минута, а од тој момент до крајот на полувремето Македонија не постигна ниту еден единствен гол. За мизеријата да е целосна, нашите ракометари воопшто и не се ангажираа во одбраната, па противникот од брзи контранапади до крајот на полувремето поведе со убедливи 20-6.
Брестовац го повлече од игра капитенот Лазаров, а Мартин Велковски го отвори вториот дел со два гола. Сепак, мечот го одбележа нашата катастрофална игра во одбрана, „фараоните“ продолжија да ја полнат мрежата на Томовски и во 37. минута резултатот веќе гласеше 26-8. Четири минути подоцна Египет стигна и до „плус дваесет“, користејќи уште една почетничка грешка на нашите ракометари за водство од 30-10, по што Данило Брестовац повторно зеде тајмаут.
Двајцата селектори веќе ги имаа повлечено најдобрите ракометари од теренот, а во дуелот на резервистите Египќаните рутински ја одржија убедливата предност се до конечните 38-19. пред се благодарение на голманот Томовски, кој со девет интервенции беше единствена светла точка во вечерашната македонска ракометна мизерија.
Клучен за пласман во втората фаза е дуелот со Чиле закажан за понеделник, јасно е дека е неопходна шок-терапија бидејќи иако заминаа без преголеми очекувања, никој не помислуваше дека Македонија може вака катастрофално да ги игра првите две средби од овој шампионат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА