Ѓоргиев: Нека дојде кој сака, Македонија пак е на ЕП

Македонија по вторпат успеа да се пласира на едно Европско првенство во одбојка, огромен успех за нашите „спартанци“ кои вечерва стигнаа до златна победа над Турција обезбедувајќи си место меѓу петте најдобри второпласирани селекции како патници за ЕП 2021. Најзаслужен како и вообичаено е капитенот Никола Ѓоргиев, кој покажа квалитет, но и лидерски карактер, блесна кога беше најважно и ја предводеше Македонија до нов историски успех.

Сепак, скромниот Ѓоргиев заслугите за овој пласман ги споделува со сите оние кои се дел од ракометната репрезентација.

„Чувството е фантастично, честитки до сите момци на теренот, до стручниот штаб. Голема благодарност до федерација, што ни овозможи беспрекорни подготовки за денеска сите заедно да се радуваме на овој успех. Се виде колку се значајни оние четири средби со Бугарија, кои беа подготовка за предизвиците во оваа седмица“, истакнува Ѓоргиев.

Според него, пласманот на ова европско првенство е многу потежок од оној од пред две години.

„Дефинитивно, сега беше потешко отколку првиот пат, пред се поради фактот дека самите си ја наметнавме улогата на фаворити. Си создадовме притисок дека мораме да стигнеме до две победи над БиХ, па затоа игравме под блокада со овој ривал, иако сме поквалитетни од она што го прикажавме. Си ставивме во главите дека две победи нема да бидат доволни за пласман на ЕП, дека мораме да славиме и третпат, го остваривме и тоа. Ова беше исклучително тежок и стресен период, но успеавме… затоа радоста денеска е толку голема“, вели македонскиот капитен.

„Црвено-жолтите“ дополнително ќе ги дознаат ривалите на континенталниот собир, но за Ѓоргиев нема разлика кои селекции ќе ги имаме за противници.

„Не сум ни размислувал за тоа, најважно беше ние да се најдеме на ова ЕП. Нека дојде кој сака, Македонија ќе биде таму и нема да се предаде, без разлика кој ќе биде од другата страна од мрежата“, порачува Никола Ѓоргиев.

Се вчитува...