Македонските ракометари попладнево во 15.30 часот ќе излезат на мегдан до Чиле, во клучниот натпревар за освојување на третото место во групата кое значи и пласман во следната фаза од овој светски шампионат. Станува збор за ривал што месецов веќе двапати го совладавме со по четири гола разлика, но тоа беа пријателски натпревари во Скопје и јасно е дека овојпат задачата ќе биде многу потешка.
Она што беше очигледно и на двата дуели беше фактот дека и Македонија и Чиле имаат исто „главно оружје“ во нападот – играта на пивот. Салинас е главен „џокер“ на чилеанскиот селектор, голем борец кој знае да си создаде простор на линијата од шест метри, а потоа и лесно да реализира. На спротивната страна, Жарко Пешевски им создаваше огромни проблеми на Чилеанците во Скопје, а во однос на тој двомеч сега сме уште посилни на пивотменската позиција, со вклучувањето на Стојанче Стоилов во националниот тим. Додавањата на Лазаров до пивотите беа значајно оружје на нашата игра во последните големи натпреварувања, но како што се движеше падот на формата низ годините, така овој дел од тактиката стануваше клучен за нашиот успех.
Денеска за ривал ќе имаме селекција која исто така инсистира на додавања на пивотот, нешто за што е свесен и селекторот Брестовац.
„Во дилема сум за одбраната, дали да играме 6-0 или 5-1. Мора да се спречи нивната игра со кружниот напаѓач. Нивната подвижност ќе ни биде предизвик. Ако секој одигра како што најдобро знае, победата е неминовна. Не смееме да го потцениме противникот и да мислиме дека не треба да го дадеме максимумот на теренот. Не ни е сеедно, најтешко ни е бидејќи сме ние тие кои играме на теренот и ја претставуваме државата“, изјави Брестовац во пресрет на денешниот натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА