Враќање во живот: Триумф над Чиле за втор круг на Мундијалот

Македонија обезбеди пласман во главата фаза од СП 2021 откако во денешниот клучен меч за третото место го совлада Чиле со резултат 32-29. Разочарувачките игри од првите две средби беа оставени зад ракометарите, кои одиграа далеку поквалитетно во нападот, што на крајот им ја донесе победата. Кире Лазаров повторно беше прв стрелец, Костески пријатно изненади во првиот дел, во второто полувреме проработеа пикерите, а извонреден настап забележаа и голманите Митревски (12 одбрани) и Томовски (два одбранети седмерци).

Брестовац изненади со почетниот состав, изоставувајќи го Филип Талески и од нападот и од одбраната. Никола Митревски одлично го почна мечот, бранејќи три удари уште при првиот напад на Чилеанците, додека Мишевски (кој го зазеде местото на Талески) го постигна првиот гол за Македонија на овој натпревар. Сепак, проблемите во нападот беа очигледни, тешко се создаваше позиција за шут, непрецизни беа и првите два обиди на Кире Лазаров, додека Костески промаши зицер од крило. Чиле поведе со 1-3, но Кузмановски презеде одговорност во моментите на криза, постигнувајќи гол и изнудувајќи исклучување.

Младиот Костески беше откровение постигнувајќи пет гола во првото полувреме, но Чиле лесно го наоѓаше патот до нашата мрежа, водејќи константно во првите дваестеина минути . Првото водство на Македонија на натпреварот го донесе Кире Лазаров со гол од пенал во 22. минута (10-9). Двете селекции се менуваа во минимално водство, па по загубената топка поради пробивање на Крстевски, Чиле беше селекцијата што поведе со 13-14 на пет минути до крајот на полувремето. Следеше нова загубена топка, па примен гол за 13-15, по што Брестовац го побара својот прв тајмаут на натпреварот. Крстевски, кој доби шанса на овој натпревар, пријатно изненади со два гола во првото полувреме во нападот, пред крајот на полувремето прецизен беше и Димитриоски, но слабата игра во одбраната придонесе на одмор да заминеме со негатива од 16-17.

На 30 минути до крајот, Македонија има реални шанси за победа и пласман во следната рунда, но неопходно ќе биде да се заигра многу подобро во одбраната. Се повеќе акции одеа на Пешевски, кој умешно реализираше, но слабата одбрана повторно овозможуваше лесни голови на Чиле, поради што „црвено-жолтите“ не успеаја добрата игра во нападот да ја претворат во поконкретна предност. Противникот не искористи два напади со играч повеќе по исклучувањето на Крстевски, по што Кузмановски биеше прецизно за прва позитива од два гола на Македонија (24-22). Чилеанците беа во нокдаун, но Димитриоски промаши зицер за да ја одведе Македонија на „плус три“ при 25-23, по што Гаралда побара тајмаут.

Во следниот напад Чиле изнуди пенал, но Мартин Томовски влезе и го запре ударот на Фојхтман. Налетот на Македонија продолжи, погодија и Пешевски и Димитриоски (од втор пивот), па при 27-23 Гаралда беше принуден на втор тајмаут во рок од само неколку минути. Противникот возврати и намали на 27-25 на десет минути до крајот, но Кузмановски постигна уште еден важен погодок на асистенција на капитенот Лазаров. Митревски ја собра и десеттата интервенција во клучен момент, бранејќи зициер од контранапад на девет минути до крајот, при резултат 28-25. Последниот обид за камбек на Чилеанците беше запрен, Томовски одбрани уште еден седмерец, па Македонија рутински го приведе мечот, ставајќи печат со цепелин на Лазаров за конечните 32-29 и сосема заслужено се пласираше во следната рунда од овој светски шампионат.

Кире Лазаров беше прв стрелец на нашата репрезентација со седум постигнати гола, по пет постигнаа Пешевски и Костески, а по трипати прецизни беа Димитриоски и Кузмановски. Никола Митревски имаше 12 успешни интервенции на голот на Македонија, додека Томовски даде значаен придонес со двата одбранети седмерци во второто полувреме.

Се вчитува...