Македонија со победата над Чиле го обезбеди третото место во групата Г на СП 2021 во Египет, со што „црвено-жолтите“ сега ќе бидат дел од новоформираната група каде ќе им се приклучат трите најдобри селекции од групата Х.
Веќе е познато дека овие три селекции ќе бидат Русија, Словенија и Белорусија, со оглед на фактот дека Корејците допатуваа во Каиро со подмладен состав и претрпеа три порази. Русите се на добар пат да го освојат првото место во групата, но за конечниот изглед на табелата ќе треба да се почека дуелот меѓу Словенија и Белорусија, кој стартува во 18 часот.
Она што е сигурно, Македонија на 20 јануари (среда) во 20.30 часот во Каиро ќе излезе на мегдан со селекцијата што ќе го освои второто место во групата Х.
Во рамките од второто коло, на 22 јануари во истиот вечерен термин ќе се сретнеме со победникот од групата Х, а настапот ќе го завршиме на 22 јануари со дуел против третопласираната селекција од оваа група.
Она што е јасно е дека Македонија нема да пренесе бодови во главната фаза, но трите меча со овие квалитетни ривали ќе донесат дополнително искуство за нашата подмладена репрезентација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА