МЗТ Скопје се „коцкаше“, но тргна триумфално во Бања Лука

МЗТ Скопје продолжи со победничката низа во АБА2 лигата откако на отварањето на „балонот“ во Бања Лука избраниците на Ѓорѓи Кочов забележаа победа од 69-70 против составот на Хелиос. Натпреварот го отсликаа две различни полувремиња за „сино-белите“ во кои преку добриот напад постигнаа 46 поени во првото и само 24 во второто. Со агресивната одбрана аеродромци успеаја да го пореметат ритамот на противникот од самиот почеток на дуелот и да стекнат „комотна“ предност, но истата ги доведе до ситуација да влезат во проблем со лични грешки на крајот на дуелот кои ги искористи противникот и целосно ја врати резултатската предност, а го имаше и последниот шут на натпреварот кој ќе значеше победа.

Двата тима се мачеа да го најдат напаѓачкиот ритам на самиот старт на натпреварот, а акцентот беше ставен на одбраната. Долгата клупа на Кочов помогна да се одржи свежината во првата четвртина, дури девет играчи добија шанса во првите десет минути, а благодарение на подобриот шут од далечина „сино-белите“ поведоа со 19-23. Агресивната одбрана на „штрковите“ продолжи да прави проблеми во организацијата на играта кај Хелиос, избраниците на Кочов ги тераа Словенците на неизградени шутеви а тоа го користеа на спротивната страна на паркетот по поведоа со 26-32, но не успеаа да го одржат моментумот. Краткиот пад во играта го искористија Словенците кои преку добрата игра во рекетот стигнаа до изедначување од 36-36. МЗТ Скопје не запре, на спротивната страна возвратија Крстевски па Магдевски, а добриот ритам на „сино-белите“ продолжи па до крајот на полувремето стекнаа двоцифрена предност (36-46).

Добрата игра од првото полувреме МЗТ Скопје не успеа да ја пренесе и на почетокот на второто во кое се мачеше да го најде напаѓачкото темпо. Тоа го искористија кошаркарите на Хелиос кои со шутот за три поени ја преполовија предноста на аеродромци, меѓутоа избраниците на Кочов одговорија со добра игра во одбраната, а преку Олуџови и Бојиќ на самиот крај на третата четвртина ја вратија двоцифрената предност од 46-58. МЗТ Скопје постигна само седум поени за седум и пол минути во последниот дел од натпреварот па му дозволи на тимот од Домжале повторно да го намали „комотното“ водство, а и покрај тоа што „сино-белите“ имаа предност од 62-69 на 72 секунди до крајот, агонијата во нападот дозволи изедначување 69-69 на 19 секунди пред крајот. Мекиќ погоди еден од двата обида од линијата за слободни фралања и донесе минимална предност за МЗТ Скопје, а Хелиос не успеа да поентира во последниот напад на натпреварот.

Предводник на МЗТ Скопје со 16 поени и 4 скока беше Фени Олуџови, додека Андрија Бојиќ додаде 12 поени и 5 скока. Како двоцифрен со 10 поени, 6 скока и 7 асистенции натпреварот го заврши и Андреј Магдевски.

Се вчитува...