Специја ја шокираше Рома – „волчицата“ не можеше со девет фудбалери

Специја приреди големо изненадување елиминирајќи ја Рома од Купот на Италија со триумф на „Олимпико“ од 2-4, по продолженија од двапати по 15 минути. „Волчицата“ настапи без Џеко, но во тимот имаше голем број на играчи кои вообичаено се стартери за римскиот клуб.

Сепак, Специја беше тимот што изненади со фуриозен старт, па по само петнаесетина минути игра поведе со 0-2. Пелегрини намали на 1-2 пред крајот на полувремето, а кога Мхитаријан израмни во вториот дел се чинеше дека Рома со пресврт ќе стигне до следната фаза од Копа Италија. Резултатот до крајот на регуларните 90 минути остана 2-2, а потоа фијаското на Рома се случи за неполни две минути, кога „волчицата“ доби два црвени картони.

Најпрвин дефанзивецот Манчини се упати кон соблекувалната по вториот жолт картон, а веќе во наредната акција голманот Лопез непотребно излезе од сопствениот шеснаесетник и го фаулираше противничкиот напаѓач, за што заслужено заработи директен црвен картон. Специја знаеше како да ја искористи предноста од двајца фудбалери повеќе на теренот, па во 107. минута стигна до победнички погодок преку Верде. Римјаните беа немоќни да се вратат, а конечните 2-4 во 119. минута ги постави Сапонара.

Се вчитува...