Македонија има негатива од четири гола (9-13) по првото полувреме од дуелот со Словенија во главната фаза од СП 2021 во Египет. Нашите ракометари добро го почнаа мечот, во неколку наврати имаа плус два, но падот на концентрацијата и грешките во нападот во завршните десетина минути придонесоа на одмор да се замине со негатива од четири гола.
Брестовац се реши за една измена на почетокот во однос на мечот со Чиле, враќајќи го Талески во стартната постава во нападот на местото на Мишевски. Стоилов најпрвин изнуди исклучување, а потоа и прецизно реализираше за прво водство на Македонија во петтата минута од мечот (2-1). Дисциплинираната игра во нападот ни овозможи во седмата минута со вториот пенал на Лазаров да поведеме и со 4-2.
Митревски повторно беше одличен со четири интервенции во почетните десет минути, по што Словенците и самите промашија неколку чисти шутеви, па по 13 минути игра резутатот гласеше 5-4 за Македонија. Талески погоди за 6-4, но Словенците за помалку од две минути направија пресврт и поведоа со 6-7. Филип Талески одигра одлично во нападот постигнувајќи го и својот трет погодок на мечот за 9-9, но веднаш потоа заработи исклучување по кое Словенците поведоа со 9-11. Следеше нова загубена топка, па гол од пивот на Габер за 9-12, по што Брестовац го побара првиот тајмаут на натпреварот.
По тајмаутот Македонија се појави со бековска линија Танкоски – Мишевски – Велковски, а Танкоски веднаш изнуди исклучување што не го искористивме не реализирајќи два напади. Кризата во нападот продолжи до крајот на полувремето, а Словенија го искористи тоа на одмор заминувајќи со 9-13, со многу среќа бидејќи последниот удар на Гајиќ заврши во дирекот од голот на Митревски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА