Новалијта ТФТ го оствари „невозможното“ и му го нанесе првиот пораз на Пелистер оваа сезона, откако на домашен терен славеше со 97-82 во заостанатиот натпревар од третото коло. Избраниците на Смилкоски одиграа речиси перфектен натпревар, ги натераа гостите на 15 изубени топки, кои ги претвараа во поени на спротивната страна и искусно ја одржуваа стекнатата предност во текот на второто полувреме.
ТФТ го започна натпреварот со добра игра на двата дела од теренот. Одбраната го заштити рекетот и го примора битолскиот состав на шут од далечина, која не ги служеше избраниците на Илиевски, а промашените обиди умешно ги користеше тимот од Тафталиџе на спортивната страна, па поведе со 12-4 по нецели пет минути игра. Тајмаутот на Илиевски вроди плод, „зелено-белите“ заиграа далеку подобро во одбраната, а добриот проток на топката носеше и отворени шута кон противничкиот кош, кои Вилијамс знаеше да ги искористи па по 10. минути игра, Пелистер поведе со 24-25. Неизвесниот натпревар во кој се играше во противничкиот рекет продолжи и во втората четвртина, а по неколкуте „мини-серии“ на двете страни на паркетот, на „малиот“ одмор со минимална предност од 46-47 замина Пелистер.
ТФТ енергично го отвори второто полувреме, а преку брзата транзиција постигнуваше лесни поени под противничкиот кош. Добрата одбрана на избраниците на Смилковски дозволи само три поени за повеќе од пет минути игра па тимот од Тафталиџе поведе со двоцифрена предност (61-50). Кај домашниот состав проработе и шутот за три поени па скопскиот состав постојано ја одржуваше комотната предноста кој по 30. минути игра изнесуваше 76-60. ТФТ продолжи да го контролира натпреварот и во последните десет минути, одолеа на налетот на гостинскиот состав кој во два наврата намали на негатива од десет поени и сосема заслужено стигна до шестиот триумф оваа сезона.
Лахланд Андерсон беше првото име во ТФТ со 23 поени, додека него го следеа Стахил Николов со 21 поен и 9 скока и Амир Смит со 18 поени и 13 скока. Како двоцифрен со 17 поени и 6 скока натпреварот го заврши и Ландриус Хортон. Џаз Вилијамс беше првото име кај Пелистер со 21 поен и 6 асистенции, додека 19 поени и 9 скока додаде Игор Кесар. Како двоцифрени со по 11 поени натпреварот го завршија Никола Малешевиќ и Бобан Стајиќ кој додаде и 7 асистенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

