Работнички бара еден милион евра за Станковски

Фенербахче оствари мултимилионска добивка на Елиф Елмас, па турскиот гигант сега се обидува да доведе во своите редови уште еден голем талент на Работнички. Станува збор за Лука Станковски, 18-годишниот „бисер“ на скопскиот прволигаш кој го привлече вниманието и на најсилните тимови во регионот, Динамо Загреб и Црвена Звезда. Но, во трка за Станковски се вклучува и италијанскиот Наполи!

Скаутите на Фенербахче веќе извесно време го следат овој талентиран играч за врска,  а раководството на Фенербахче неодамна почнало и преговори за ангажман на Станковски. Сепак, Турците останале изненадени откако од управата на Работнички ја слушнале цената што македонскиот прволигаш ја бара за својот голем талент – еден милион евра.

Според истиот извор, Фенербахче не се откажува од намерата да го доведе Станковски во своите редови, но турскиот клуб се обидува да ја намали сумата што ја бара Работнички. Доколку клубовите се договорат за трансфер до крајот на овој преоден рок, Фенер е подготвен да го остави младиот ас на позајмица во Работнички до крајот на сезонава, по што тој во текот на летото би се преселил во Истанбул.

Лука Станковски сезонава одигра 15 натпревари за „романтичарите“ во Првата лига, притоа постигнувајќи седум гола и две асистенции.

Се вчитува...