Пред почетокот на новата сезона во СЕХА Газпром лигата ракометарите на Вардар 1961 славеа на контролниот натпревар против Металург со 34-26 (14-12). И двете екипи играа во некомплетни состави, со отсуство на играчите кои настапуваат на СП во Египет.
Кај Вардар недостасуваа шест ракометари што настапуваат на СП во Египет, плус Дисингер и Дибиров кои имаат мали повреди, и голманот Кизиќ. Во тимот на противникот од стандардниот состав ги немаше играчите од СП, плус Канкараш и Потиќ.
„Го искористивме периодов да одиграме една контролна средба со Металург и да видиме до каде сме со формата. Било каков натпревар е подобар и од најдобриот тренинг. Сакавме да ја разбиеме таа монотонија со тренирањето и да одиграме меч. Иако сме некомплетни со отсуство на речиси половин атим сепак и ваков натпревар ни дава слика за она то го работиме“ – вели тренерот на Вардар, Стевче Алушовски.
Во текот на натпреварот Вардар постојано имаше водство кое во последните 20 минути од средбата се зголеми на 21-17 во 40. минута. Тоа беше клучниот момент на средбата по што Вардар 1961 само ја зголемуваше предноста која во самата завршница беше и „плус 9 ” за 32-23.
Првиот меч од СЕХА Газпром лигата тимот на Вардар 1961 го игра со Војводина на 27. јануари во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА