Македонските ракометари со денешниот дуел против Белорусија (15.30 часот) ќе го завршат својот настап на СП 2021 во Египет. Мундијал на кој „црвено-жолтите“ влетаа буквално во „пет до дванаесет“ по повлекувањето на Чешка, недоволната физичка, но и тактичка подготвеност беше очигледна против поквалитетните противници, а како утеха останува победата против Чиле со која беше обезбеден пласманот во главната рунда.
Самото учество на ова СП и натпреварите против посилни ривали ќе биде големо искуство за нашите млади ракометари, а денешниот дуел со Белорусија е добра можност за поправање на впечатокот, пред се кога станува збор за борбата и залагањето. Двете селекции немаат никакви шанси за пласман во четвртфиналето, но останува Македонија да прикаже далеку подобро издание отколку на претходните четири порази, кои беа со двоцифрена негатива.
„Не треба да одиграме колку да одиграме, ова е репрезентација, мораме да се потрудиме, да дадеме повеќе. Квалитетот на Белорусија е на слично ниво со Русија, а ние може да се носиме и со двата тима, ама само ако сме на посакуваното ниво“, истакна десното крило Мартин Поповски во пресрет на денешниот дуел.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА