Веселин Вујовиќ и Лино Червар имаа огромно ривалство како тренери на Вардар и Металург во мак-ракометот, но меѓу двете прославени имиња постои огромен респект. Сепак, Вујовиќ го критикуваше актуелниот хрватски селектор за односот по поразот од Аргентина и најавената оставка на незавршено светско првенство.
„Не би сакал да се вклучам во плукањето по Лино, гледам дека тоа сега е многу популарно по социјалните мрежи. Лино Червар е легенда на хрватскиот и на светскиот ракомет и не заслужи да си замине на таков начин. Искрено сум разочаран од начинот на кој реши да си замине, да го остави тимот на цедило најавувајќи оставка иако шансите за четвртфинале не се загубени. Верувајте што ви велам, ако ја победи Данска, а Катар ја добие Аргентина, тој ќе застане пред камерите и ќе рече дека не си оди, дека претходната изјава била само трик за да ја разбуди заспаната репрезентација. Како и да е, тоа не смееше да го направи, неодговорно е селекторот да го напушти бродот наречен репрезентација, и тоа во ситуација кога се уште има шанса за пласман понатаму“, истакна Веселин Вујовиќ во својата колумна за хрватскиот портал „Индекс“.
Тој смета и дека Хрватска поседува играчки потенцијал за далеку подобри иданија од она што „коцкестите“ го прикажаа на ова СП, а вината повторно ја насочува кон – Лино Червар.
„Навистина не сакам да кажам ништо грдо против Лино, но не треба да си премногу мудар за да увидиш што беше главниот проблем на Хрватска на овој шампионат. Секако дека играчите се одговорни за лошиот настап, но селекторот е тука да ја води репрезентацијата, да ги влече вистинските потези, а ние не го видовме тоа од Хрватска во Египет. Од самиот почеток се тргна во погрешен правец, не смееше да се трошат клучните играчи од првиот меч, па видете го Дувњак против Аргентина, едвај одеше на крајот. Сите репрезентации ги дозираа играчите на првите средби, а Хрватска ги истроши своите клучни ракометари“, вели Вујовиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА