Илија Несторовски е чекор поблиску до заминување од Удинезе откако италијанскиот прволигаш тргна во офанзива да донесе уште еден голгетер до крајот на преодниот рок. Станува збор за Патрик Кутроне, италијанскиот напаѓач кој е член на англиски Вулверхемптон. „Волците“ не сметаат сериозно на Кутроне по ангажманот на Вилијан Жозе, а Удинезе веќе почнал преговори за да го доведе поранешниот ас на Милан на шестмесечна позајмица.
Несторовски ионака немаше преголема минутажа оваа сезона, а самата офанзива по Кутроне е јасна порака до Македонецот да не се надева на позначајна улога во тимот во преостанатиот дел од шампионат. За екс-голгетерот на Палермо веќе се интересираат неколку италијански второлигаши, во преден план се СПАЛ и Бреша, а понуда подготвува и амбициозниот проект на Монца предводен од Силвио Берлускони.
Едно е сигурно, Несторовски треба да си замине од „Фриули“ во тим каде би добивал поголема минутажа, за да биде во топ-форма за време на летниот настап за македонската репрезентација на ЕВРО 2021.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

