Алушовски: Очекувам сериозен пристап против Војводина, и секако победа

Вториот дел од сезоната за ракометарите на Вардар почнува утре во Скопје со дуелот против Војводина во СЕХА-лигата.

„Вардарци“ ќе бидат без Патрик Валчек и Иван Чупиќ кои недостасуваат поради настапот на Светското првенство 2021, но без разлика на тоа стратегот Стевче Алушовски верува во квалитетна претстава на неговиот тим и победа.

 „Работиме некомплетни со оние ракометари кои што се тука, колку што дозволува кадарот да се одработи нешто квалитетно за што подобро да се подготвиме за дуелот со Војводина. Без разлика што сме некомплетни на тренинзите, но ќе бидеме комплетни на натпреварот. Ќе бидеме комплетни само на еден тренинг, но се надевам дека на натпреварот ќе одиграме коректно, кој ќе биде добра подготовка за она што не очекува во февруари“ – вели Алушовски, притоа дополнувајќи:

„Војводина е квалитетна екипа која што е составена од млади играчи, кои многу трчаат, ги гледав на последниот натпревар против Кикинда во српското првенство. Играат брз и модерен ракомет, цврсто во одбраната со многу транзиција. Очекувам да одиграме еден сериозен натпревар. Вардар секогаш кога игра на домашен терен против било која екипа, дали е тоа СЕХА или Лига на шампиони, ние се трудиме да ја прифатиме фаворитската улога, така ќе биде и на овој натпревар“.

Натпреварот меѓу Вардар и Војводина се игра утре со почеток од 17:45 часот во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.

Се вчитува...