Микел Хансен отворено ги нападна организаторите на СП 2021 поради неисполнетото ветување дека салите на овој ракометен мундијал ќе останат затворени за навивачите. Словенците се пожалија дека на клучниот меч од главната фаза со Египет на трибините имало најмалку 1.000 навивачи на „фараоните“, а домашната селекција денеска во четвртфиналето се среќава со Данска.
Хансен јавно го критикуваше ИХФ поради недоволната ангажираност да се спречи такво нешто, истакнувајќи дека не би се изненадил и доколку вечерва во салата види 5.000 фанови. Според најдобриот дански ракометар, ова е крајно сериозно и опасно по здравјето на спортистите.
„Немам што да кажам околу ситуацијата со публика на трибините, јас реков и дека нема да играм доколку има навивачи, не поради себе или поради домашната селекција, туку затоа што со секој навивач на трибините се загрозува здравјето на ракометарите. Се надевав дека одлуката за играње без публика ќе се испочитува целосно, но видовме како од никаде во сала се појавија 1.000 фанови. Не би се изненадил ако денеска во арената видам 5.000 луѓе“, истакна Хансен.
Данскиот бек се пожали и на третманот на ИХФ при изрекувањето на казните.
„Ќе има луѓе на трибините, го знаеме тоа. И што ќе се случи, ќе им изречат некаква си казна, или можеби ниту тоа. Смешно е, ракометарите ги казнуваат затоа што носеле погрешна боја на чорапи од пропозициите, а од друга страна дозволуваат луѓе во салите во време на пандемија и се прават слепи, дека се е во најдобар ред“, критикува Микел Хансен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА