Марсело Биелса има апсолутна доверба во Езгијан Алиоски, кој е стандарден првотимец во Лидс Јунајтед во последните два месеци од Премиер-лигата без оглед на честите критики за променливите игри на македонскиот репрезентативец. Аргентинскиот стручњак има високо мислење за Алиоски, но не е сигурен дека нашиот интернационалец ќе продолжи да го носи дресот на Лидс и по завршувањето на оваа сезона.
Договорот на Алиоски со клубот од „Иланд Роуд“ истекува на крајот од сезоната, тој неколку пати изјавуваше дека е подготвен да потпише нов ако му биде понуден, но во меѓувреме во трката за негов ангажман се вклучи и туркиот гигант Галатасарај.
Биелса смета дека Алиоски е тој што ќе треба да ја донесе конечната одлука, како најава дека премиерлигашот веќе има подготвено понуда за да ја продолжи соработката со него.
„Јас не сум вклучен директно во преговорите, но обично во вакви ситуации важи едно правило – фудбалерот го избира клубот. Алиоски треба да реши дали сака да остане, бидејќи верувам дека ако Алиоски го избере Лидс за свој клуб за наредната сезона, Лидс исто така ќе го избере Алиоски“, истакна Биелса.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА