Данска и Шведска вечерва ќе излезат на мегдан во Каиро, во мундијалското финале кое ќе одлучи дали Данците предводени од Микел Хансен ќе стигнат до нова светска круна, или Шведска во првото финале по 20 години пауза ќе успее да стигне до тронот на светскиот ракомет. Швеѓаните отпатуваа за Египет без дури деветмина стандардни ракометари, но со фантастична колективна игра делуваат доминантно на сите натпревари, а по триумфот над Франција во полуфиналето сега го посакуваат и скалпот на актуелниот светски првак.
Историјата вели дека Шведска својата последна титула ја освои во 1999 година, кога за последен пат домаќин на едно СП беше токму Египет, па останува да се види дали „земјата на фараоните“ повторно ќе биде среќна за оваа скандинавска репрезентација. Задачата нема да биде нималку лесна ако се знае дека Данска е без пораз на последните два светски шампионати. Данците предводени од Микел Хансен ќе се обидат да влезат во историјата како само четврта селекција што триумфирала на два мундијали во низа, по Шведска (1954-1958), Романија (1961-1964 и 1970-1974) и Франција (2009-2011 и 2015-2017).
„Преморени сме, четвртфиналето со Египет беше крајно исцрпувачко, а потоа следеше и оној дуел со Шпанија во полуфиналето Како и да е, играме за златото на светскиот шампионат, поголем мотив од тоа не постои, верувам дека ќе бидеме на висина на задачата“, истакна данскиот селектор Николај Јакобсен.
Главен адут на Данска и на оваа средба ќе биде Микел Хансен, кој со 12 гола беше најзаслужен за полуфиналниот триумф над Шпанија. На спротивната страна, прв стрелец на Шведска на овој шампионат е крилото Ване.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА