Ливерпул купува двајца дефанзивци во последниот ден од преодниот рок

Јирген Клоп успеа да најде излез од големата криза во која Ливерпул се најде на почетокот од месец јануари, а за „награда“ германскиот стратег ќе го добие она што го посакуваше за јануарскиот преоден рок – нов дефанзивец. Според англиските медиуми, Ливерпул во последниот ден од преодниот рок нема да доведе еден, туку двајца нови одбранбени играчи, со што ќе се стави крај на проблемите со најболната точка во тимот.

Веќе е договорен трансферот на Бен Дејвис од Престон, за кого Ливерпул ќе плати два милиони фунти. Станува збор за 25-годишен дефанзивец кој никогаш досега нема настапувано во Премиер-лигата, но „црвените“ се оптимисти дека Дејвис поседува потенцијал за да игра крај Фабињо во последната линија, ослободувајќи го капитенот Хендерсон да се врати на своето место во средниот ред. Вториот играч е Дуја Чалета Цар, хрватски интернационалец од редовите на Олимпик Марсеј. Британските медиуми информираат дека сите детали и од овој трансфер се договорени, фудбалерот ги прифатил понудените услови за преселба на „Енфилд“, но за трансферот да се реализира се чека Марсеј да донесе нов дефанзивец на местото на Чалета Цар.

Клоп беше принуден на најразлични експрименти во одбраната поради тешките повреди на Вирџил ван Дајк и на Џо Гомез. Во меѓувреме улогата на „командант“ на одбраната му беше доделена на Фабињо, но и Бразилецот поради повреда ги пропушти последните две средби на „црвените“. Ако на ова се додаде и новата повреда на Матип, јасно е дека на Клоп му е неопходно што побрзо да почне да ги вклучува новите одбранбени фудбалери во тимот.

Се вчитува...