Данскиот селектор Николај Јакобсен е последниот во низата учесници на СП 2021 кој беше „жртва“ на стомачен вирус за време на престојот во Египет. Екс-тренерот на Рајн-Некар Левен го имал проблемот уште од почетокот на нокаут фазата, а токму стомачниот вирус беше причината поради која Јакобсен делуваше преморено во текот на големото финале.
„Не сакав да се жалам пред натпреварот, да го тргнам фокусот од борбата на теренот. Се мачам со стомачен вирус. Четири дена не јадам ништо, само пијам апчиња и „Кока Кола Зеро“. Се уште го имам истиот проблем, преморен сум, но тоа е најмалку важно бидејќи успеавме да победиме“, прокоментира Јакобсен по големото финале.
Прв натпревар за Јакобсен и за данската репрезентација по овој мундијалски успех ќе биде дуелот со Македонија во рамките од квалификациите за ЕП 2022, закажан за 10 март во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА