Фудбалскиот сојуз на Италија објави дека е започната истрага за минатонеделниот конфликт меѓу играчите на Милан и Интер, Златан Ибрахимовиќ и Ромелу Лукаку. Како дел од таа постапка, федералниот обвинител одлучи да го слушне судијата на натпреварот Паоло Валери, со цел да го „разјасни обемот на веќе преземените санкции“ против двајцата играчи, се вели во соопштението на Федерацијата.
Ибрахимовиќ и Лукаку се судрија минатиот вторник за време на четвртфиналниот натпревар од Купот на Италија, при што судијата им даде жолт картон и на двајцата голгетери. Кавгата меѓу поранешните соиграчи од Манчестер Јунајтед продолжи и по судискиот свиреж на полувремето, а соиграчите мораа да го запрат Белгиецот, кој беше видно бесен. Контроверзниот Златан доби втор жолт картон подоцна во второто полувреме и беше исклучен по стартот на Александар Коларов.
Швеѓанецот на својот профил на „Твитер“ ден по натпреварот напиша: „Нема место за расизам во светот на Златан. Сите сме една раса – сите сме еднакви. Сите ние сме играчи, само некои се подобри од другите“, заклучи Ибра.
Двајцата играчи се суспендирани на еден натпревар во Купот на Италија, а Лукаку ќе го пропушти утрешниот натпревар против силниот Јувентус.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

