По триумфот над Војводина во претходното коло, Вардар ја продолжи победничката низа на стартот на новата година откако на домашен терен славеше над Нексе со 27-26 во рамките од СЕХА-лигата. Подобрата игра во првото полувреме во кое блесна Филип Талески се воспостави како клучно за победата, и покрај падот во играта во второто полувреме, а во самиот финиш голманот Борко Ристовски со две интервенции во рок од неколку секунди успеа да ја сочува минималната предност на „вардарци“.
„Црвено-црните“ иницијативата ја превземаа уште од самото отварање на натпреварот кога преку серија од 5-1 стигнаа до „комотна“ предност. Вардар успеа да одолее на налетот на хравтскиот состав кој стигна до негатива од еден напад (11-10) во 19. минута, резултат при кој гостите не реализираа пенал. Одбраната повторно доби на сигурност во последните десет минути од полувремето, проработеа и бековите во нападот, па „црвено-црните“ заминаа на одмор со предност од 15-12.
Одбраната на Вардар повторно потфрли на средината на второто полувреме, а тоа го искористи Нексе и во 47. минута од натпреварот го изедначи резултатот (23-23). По изедначената игра во која што се играше „гол за гол“, клучниот момент од натпреварот се случи во последните четири минути пред крајот кога при резултат 25-25, Дибиров стрелаше од контра, на спротивната страна Кевиќ промаши од седум метра, а за разлика од него сигурен во својот обид беше Чупиќ па Вардар поведе со два разлика, до крајот на средбата Нексе имаше шанса повторно да изедначи, но во вистински момент белсна Борко Ристовски кој со две последователни одбрани го одржа македонскиот тим во предност.
Предводници на Вардар со по шест гола беа Филип Талески и Иван Чупиќ, додека со четири гола и две додавања нив ги следеше Ловро Јотиќ. Кај хрватскиот состав прво име со седум погодоци беше Јанко Кевиќ.
Вечерашниот меч претставуваше и почеток на „пеколниот февруари“ за „вардарци“, месец во кој македонскиот првак го очекуваат низа исклучително тешки натпревари во Лигата на Шампионите. Следен предизвик за „црвено-црните“ е токму гостувањето во Порто во рамките од елитното европско натпреварување, меч закажан за 4 февруари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА