Реакциите на клубовите за очајната арбитража на последните натпревари дефинитивно не биле „празни муабети“ и обвинувања како што сакаа да ги претстават од Судиската комисија при КФСМ. Доказ за тоа е и последниот Билтен на натпреварување што се однесува на трите одложени пријателски натпревари кои се играат во текот на минатата седмица, од кои на две во самите делегатски извештаи е потенцирано слабото судење.
Пелистер со право се жалеше по поразот од Гостивар, откако делегатот на мечот го потенцирал Александар Давидов како судија што лошо си ја завршил работата, но и што директно влијаел врз резултатот. За ваквото издание, Давидов е казнет со два меча несудење на терените ширум Македонија.
„По прегледување на снимката од натпреварот КК Пелистер – КК Гостивар од страна на Комесарот за натпреварување констатирано е дека судијата Давидов А. како прв судија на натпреварот, во текот на натпреварот донел неколку погрешни одлуки кои влијаеле на конечниот резултат на натпреварот поради тоа е оценет со оценка (2) и по член 60.10 се казнува со забрана на вршење на должност на (2) два натпревари“, се вели во одлуката на Комесарот за натпреварување, Среќо Хорват.
Давидов беше дел од судиската тројка на дуелот МЗТ Скопје – ТФТ, на кое двата клуба беа незадоволни од арбитражата. МЗТ Скопје го доби мечот, но поднесе официјална жалба на судењето, а трагикомична е одлуката потпишана од Хорват, дека жалбата на „металците“ се одбива иако и самиот признава дека има многу грешки, но важно е дека се работи за лош критериум, без желба некоја од екипите да биде оштетена.
„По прегледување на снимката од натпреварот КК МЗТ Скопје А. – КК ТФТ од страна на Комисијата за разгледување на снимки во состав Пиперков Ѓ, Николовски З. и Сречко Х.Комесар за натпреварување (Пиперков Ѓ. е иземен од комисијата бидејќи бил делегат на натпреварот) а неговиот извештај за судење од натпреварот е земен на разгледување, констатирано е дека судиите на натпреварот имале грешки кои најголем број се резултат на критериум кој го спроведуваат на двете страни. Нема материјална повреда ниту директно влијание на резултатот. Нема признаени или поништени поени. Многу е важно дека грешките се и на двете страни и нема тенденција да се оштети некоја екипа туку се работи за лош критериум. Грешките се составен дел од играта и затоа судиите се оценети со послаба оцена од делегатот која не е за да се казнат, но понатаму ке им влијае на понатамошното рангирање, делегирање и добивање на натпревари. Ценејќи ги сите констатации донесена е одлука жалбата на КК МЗТ Скопје Аеродром се ОДБИВА како неоснована“, се вели во одлуката на комесарот.
Едно е јасно, кога оваа војна почнува уште среде сезона, а судиите очигледно сосема заслужено се осудувани актери во истата, може само да претпоставиме што ќе се случува во април и мај, кога ќе се водат директните битки за трофеи и за опстанок во елитното друштво.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА