Интер се наоѓа во огромна финансиска криза, како резултат на одлуката на кинеските власти да ги блокира инвестициите на бројните моќни компании од оваа земја, меѓу нив и Сунинг, компанијата чии газди раководат со трофејниот италијански прволигаш. Поради ова долговите се зголемуваат, фудбалерите веќе неколку месеци немаат земено плата, а се должи и за ратите од трансферите, како оној на Хакими од Реал Мадрид, за кој „кралевите“ кренаа врева за десетте милиони евра што не им беа исплатени до крајот на 2020 година.
За кризата во фудбалскиот гигант пишуваше и специјализираниот економски весник „Financial Times”, обелоденувајќи дека кинеските газди на Интер се во потрагата под итно да најдат инвеститор што ќе им обезбеди 200 милиони евра за смирување на бурата. Во спротивно, доколку долговите не бидат платени, клубот ќе биде казнет со одземање на бодови, а можно е и недобивање на европска лиценца за настап во ЛШ наредната сезона.
„Интер е во голема криза. Пандемијата го стори своето, се инвестираа големи пари во Ериксен, Лукаку и Хакими, а истите не се враќаат бидејќи не се реализираат планираните приходи. Целта на кинеските газди е јасна, да се најде инвеститор со 200 милиони евра. Тоа е сумата со која проблемот би бил решен“, пишува „Financial Times”.
Британскиот конзорциум “BC Partners” во изминатите триесетина дена преговараше со откупување на мнозинскиот пакет на акции, но не беше постигнат договор бидејќи понудата изнесуваше „само“ 600 милиони евра, наспроти барањето на кинеските газди на Интер за една милијарда евра од компанијата што ќе сака во иднина да раководи со Интер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

