Ракометарите на Вардар претрпеа пораз на синоќешниот дуел со Порто во Лигата на Шампионите, но сега се соочуваат со сериозни проблеми за враќање назад во Македонија поради новите здравствени протоколи што ги воведоа дел од земјите од Западна Европа како најнови мерки за заштита од коронавирусот. Имено, „црвено-црните“ останаа заглавени на аеродромот во Порто, откако им било соопштено дека нема да можат да се вратат назад во Македонија по истата дестинација со која дојдоа во Португалија (преку Франкфурт).
Причина – пропишаните протоколи за сите кои доаѓаат од Португалија како држава од „црвената зона“, да мора задолжително да минат две седмици во карантин. Веќе не е можно ниту транзит – минување преку аеродромот во Франкфурт, па управата на „црвено-црните“ сега ќе има тешка задача да најде друга транзит – рута, со оглед на фактот дека летовите низ Европа се значително лимитирани од почетокот на корона-кризата.
Вардар во наредниот период ќе треба да гостува во Франција (на ПСЖ) и во Германија (на Фленсбург), но прашање е дали овие средби воопшто ќе можат да бидат одиграни поради инсистирањето на државните власти во овие земји за задолжителен карантин. Од оваа причина не може да се игра домашниот натпревар на Лајпциг против Ливерпул во фудбалската Лига на Шампионите, за кој мора да се бара неутрален терен за одигрување, нешто што е невозможно „во пет до дванаесет“ во згуснатиот распоред на ракометната ЛШ.
Серијата нови откажувања може да донесат до тотален хаос во завршницата од групната фаза од елитното европско ракометно натпреварување, па многу веројатно е дека ќе дојде до прекин на натпреварувањето. ЕХФ веќе подготви и вакво сценарио, во кое пласман во следната рунда би обезбедиле сите екипи, при што Вардар како последен во својата група во првата нокаут-фаза би се сретнал со Барселона како првопласирана од другата група.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА