Натпреварот од ракометната Лига на Шампионите меѓу ПСЖ и Вардар закажан за 9 февруари нема да се игра во предвидениот термин, откако денеска и официјално беше одложен од страна на ЕХФ.
Ваквата реакција следи по најновите закони во Франција според кои сите оние кои ќе влезат во државата ќе мора најпрвин да минат две седмици во карантин, што го направи невозможно доаѓањето на „вардарци“ во Париз за играње на дуелот со ПСЖ и оттаму заминување за наредното гостување во ЛШ, во Германија против Фленсбург.
„Новите правила се на сила до неодреден датум и поради тоа нема шанси да се одигра натпреварот од ЕХФ лигата на шампионите во Франција. Средбата беше закажана за 9 февруари 2021 година во 18,45 часот. ЕХФ и клубовите ќе се договорат за нов можен датум за одигрување на натпреварот“, информираше Вардар.
„Вардарци“ поради новите антикорона-мерки не можат да се вратат од Португалија, бидејќи на аеродромот во Франкфурт веќе не е возможно ниту транзит-минување без да се заврши во карантин. Поради ова, големи се шансите да биде откажано и гостувањето против Фленсбург, а прашање е дали и како ќе може да се доигра групната фаза во ЛШ во ситуација на неколку екипи од Германија, Франција и Норвешка, земји за кои важи задолжителен карантин.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА