За следната седмица е најавено објавувањето на листата на ваучери што ќе им бидат доделени на спортските колективи во Македонија, а во најава е огромен хаос – откако на списокот за ракометни колективи кои треба да користат ваква државна помош во спортот не се нашол актуелниот шампион Вардар.
„Црвено-црните“ застануваат на нозе по огромните долгови што ги остави поранешниот газда Сергеј Самсоненко, но „формулата“ со која новиот претседател Михајло Михајловски реши да ги избегне долговите на својот претходник сега создава нови проблеми. Имено, Михајловски минатото лето стартуваше нов спортски субјект под назив Вардар 1961, кој според замислата на новото раководство требаше да ги наследи спортските резултати, но не и финансиските обврски (повеќемилионски долгови) на Самсоненко.
Сепак, основен критериум за добивање на ваучер според законите е клубот две години да биде дел од систем на натпреварување. Со оглед на фактот дека Вардар 1961 сезонава за првпат се натпреварува во елитното друштво, овој услов не е исполнет, па став на раководството на Агенцијата за Млади и Спорт е дека „црвено-црните“ согласно тоа не треба да добијат ваучер.
Во ситуација кога огромно мнозинство од клубовите зависат во финансирањето исклучиво од ваучерите, јасно е дека доколку овие најави се реализираат тоа ќе претставува огромен удар за Вардар, во обидот да состави конкурентен буџет за борба за титулата во домашното првенство, но и добри резултати во европските натпреварувања.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА