„Старата дама“ без милост за „римската волчица“

Јувентус останува во живот во трката за скудетото откако „старата дама“ славеше во вечерашната дерби-пресметка со Рома со 2-0, успевајќи притоа да ја прескокнат „волчицата“ на третото место на калчолигашката табела.

„Црно-белите“ одиграа крајно дисциплинирано, знаеја како да ги искористат своите шанси и заслужено ги освоија трите бода на овој меч. Кристијано Роналдо го отвори резултатот со прецизен удар со левата нога, од работ на шеснаесетникот носејќи го Јуве во водство. Португалецот потоа имаше убава шанса и за втор гол, но неговиот обид заврши само во гредата.

Конечните 2-0 беа поставени во второто полувреме со автоголот на Ибањез, по акцијата на двајцата „резервисти“ на Јуве, Квадрадо и Кулушевски.

Јуве сега има пет бода заостанување зад лидерот Интер, но и меч помалку во однос на „нероаѕурите“.

 

Се вчитува...