„Пантерите“ бараат излез од кризата во Куманово, Кожув „брка“ бодови во Скопје

Прволигашката програма продолжува денеска со четири дуели со кои ќе се „комплетираат“ регуларните средби од 14. коло. Првиот натпревар ќе биде одигран во Струга каде од 16 часот силите ќе си ги одмерат Црн Дрим и МЗТ 2.

Натпреварот е од големо значење за двата состава за кои победа на денешната средба може да има големо значење во борбата за опстанок. Стружани и скопјани во досегашниот дел од првенството имаат по една победа, а онаа на Црн Дрим дојде токму против „сино-белите“, па јасно е дека „штркчињата“ ќе имаат дополнителна мотивација на дуелот во „СЦ Тими“.

„Претставата“ продолжува од 17 часот на „Кале“ каде Работнички го пречекува Кожув. Нашиот најтрофеен кошаркарски клуб 20 дена е без одигран натпревар, а тоа ќе се обидат да го искористат „црвено-белите“ од Гевгелија кои на овој меч влегуваат на крилјата на победата против незгодниот состав на Академија ФМП во Скопје.

Неделното кошаркарско уживање ќе биде комплетирано со дуелот во Куманово каде гостува Академија ФМП. „Шок терапијата“ со тренерската смена вроди плод во „сино-белиот“ состав кој сега се наоѓа во серија од четири последователни победи на домашната сцена и БИБЛ лигата. За разлика од Куманово, избраниците на Петровиќ на оваа средба ќе се обидат да им се вратат на победите и да ја прекинат серијата од три порази во низа.

Првиот натпревар помеѓу овие две екипи донесе возбудување во Кисела Вода каде „пантерите“ успеаа да го одбранат домашниот терен, дали бодовите ќе останат на „домашно тло“, останува да видиме.

Се вчитува...