Младиот состав на МЗТ Скопје 2 ја забележа својата втора прволигашка победа во клупската историја откако попладнево славеше на гостувањето против Црн Дрим со резултат 80-84. Стануваше збор за пресметка меѓу два тима кои имаа по една победа во досегашниот дел од сезоната, во текот на 40-те минути имаше големи падови во играта и кај домаќините и кај гостите, но избраниците на тренерот Даскаловски беа поумешни во завршницата и им се одмаздија на стружани за поразот во Аеродром од пред неколку месеци.
Мечот почна одлично за гостите од Скопје, кои одиграа беспрекорно во првата четвртина, добивајќи ја со 16-29. Црн Дрим се разбуди, па одиграа извонредна втора четвртина што домашниот состав ја доби со преубедливи 29-8, преземајќи ја на тој начин контролата над резултатот. Стружани имаа водство од 73-64 во 33. минута, кога МЗТ со серија од осум поени се врати целосно на резултатски план. Младите „штркови“ добија на самодоверба, заиграа уште подобро во нападот, ја зацврстија и во одбраната во клучните моменти, па на крајот стигнаа до заслужен триумф од 80-84.
Американецот Монтгомери беше најефикасен во победничкиот тим со 19 поени и 13 скокови, а дабл-дабл оствари и Митевски, реализирајќи 15 поени и 10 скокови. Прв стрелец на Црн Дрим при вечерашниот пораз беше Хортман со 17 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

