ПСЖ по кратка постапка го реши Олимпик Марсеј

ПСЖ славеше со 0-2 на гостувањето против Олимпик Марсеј, на тој начин одмаздувајќи се за поразот на „Паркот на принцовите“ на стартот од сезонава. Вообичаено овој дерби-дуел го одбележуваат жестоки дуели, а црвен картон беше покажан и во самиот финиш од вечерашниот натпревар, за домашниот фудбалер Димитри Паје, по бруталниот старт врз Марко Верати.

„Светците“ на половина од првото полувреме веќе имаа предност од 0-2, најпрвин Мбапе реализираше од контранапад, вториот погодок со глава го постигна Икарди, со што практично беше решено и прашањето на победникот.

Гостинскиот состав рутински ја одржуваше предноста до самиот крај, а одлична можност за трет гол пропушти Нејмар, кој влезе во игра во второто полувреме. ПСЖ со оваа победа има 51 бод и се наоѓа на третото место на табелата, зад Лил со 54 и Лион со 52 освоени бода во досегашниот дел од сезоната.

Проблем за Маурицио Покетино сигурно ќе претставува повредата на мускулот на Анхел ди Марија, по која е крајно неизвесно дали Аргентинецот ќе може да настапи на првиот осминафинален меч од Лигата на Шампионите против Барселона.

Се вчитува...